Отсекот за превенција при СВР Куманово спроведе превентивна активност на подрачјето на градот, со која граѓаните беа информирани како да се заштитат од измами при купување огревни дрва.
Со почетокот на сезоната во која граѓаните набавуваат огрев за претстојната зима, од СВР Куманово апелираат на особена внимателност при комуникацијата со непознати лица кои нудат огревни дрва по значително пониски цени од вообичаените или ветуваат дека можат да обезбедат дрва по поволни услови.

Од Отсекот за превенција посочуваат дека на ваков начин, со лажни ветувања, и во претходните години граѓани биле доведени во заблуда и измамени за поголеми суми пари.
Еден од начините на измама е непознатото лице да го одведе граѓанинот до пункт или складиште каде што се продаваат огревни дрва, со ветување дека самиот ќе може да ги избере дрвата.

Откако граѓанинот ќе остане да чека, измамникот се враќа во неговиот дом и, со лажно објаснување дека дрвата се товарат и дека веднаш ќе бидат донесени, успева од членови на семејството да земе пари.
По повеќечасовно чекање во складиштето, граѓаните сфаќаат дека дрвата не се испорачани ниту во нивниот дом, по што станува јасно дека биле измамени.

„Не прифаќајте вакви понуди, не одете по складишта со непознати лица и не давајте пари пред да ги растоварат дрвата пред вашиот дом“, истакна началникот на Отсекот за превенција при СВР Куманово, м-р Лиле Младеновска, во рамки на превентивната кампања.

Од СВР Куманово апелираат граѓаните да бидат особено внимателни, да не веруваат на понуди кои звучат премногу поволно и да не предаваат пари однапред, пред да биде извршена испораката на огревните дрва.
Никола Ивановски

