Општина Куманово ги повика граѓаните да се вклучат во заедничка акција за чистење и уредување на градските гробишта, која ќе се спроведе на 21, 22 и 23 август во пресрет на големиот православен празник Голема Богородица.

Акцијата ќе ја организира Општината во соработка со ЈП „Чистота и зеленило“, останатите јавни претпријатија и општествено одговорни компании, а од граѓаните се очекува да се погрижат за своите семејни гробни места.
„Ги информирам сите граѓани на Општина Куманово коишто се сопственици на семејни гробни места на градските гробишта да се вклучат во оваа акција бидејќи тоа е нивна обврска впрочем бидејќи се работи за сопственост и личен имот за којшто истите мораат да се грижат“, повика градоначалникот Максим Димитриевски.
Тој најави дека Општина Куманово дополнително ќе ја информира јавноста за акцијата, а ќе се направи и обид да се контактираат што поголем број сопственици на гробни места преку базата на податоци со која располага Општината.
– Ќе пуштиме соопштение до јавноста и ќе се обидеме да исконтактираме што поголем број на граѓани за коишто имаме база на податоци и телефонски броеви со испраќање на СМС порака на сите сопственици на гробните места за да се вклучат во ова акција, информираше градоначалникот.

Од ЈП „Чистота и зеленило“ најавија дека за потребите на акцијата ќе бидат ставени во функција сите расположливи капацитети на претпријатието.
– Следниот петок, сабота и недела сите расположиви капацитети на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ ќе бидат ставени во функција овде горе на градските православни гробишта во пресрет на големиот православен христијански верски празник Голема Богородица, изјави директорот Сошо Томиќ.
Томиќ посочи дека ќе се настојува во акцијата да се вклучат и што поголем број општествено одговорни компании.
– Сите расположливи капацитети ќе гледаме да се вклучиме што повеќе општествено корисни компании кои сакаат да дадат допринос во оваа акција се со цел да го подигнеме и подобриме изгледот на градските православни гробишта, рече тој.

Од претпријатието ги повикаа граѓаните во текот на акцијата да ги исчистат и искосат своите гробни места, а за останатиот отпад ќе бидат обезбедени опрема и специјализирани возила.
Во акцијата ќе се вклучат и советниците од Советот на Општина Куманово.
Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, најави дека советниците доброволно ќе се приклучат и ќе дадат пример за одговорно однесување кон местата каде што почиваат нивните предци.
– Во ова прилика сакам да ве информирам дека први што ќе се вклучат во една ваква акција се советниците при Совет на Општина Куманово, доброволно кој како милува, изјави Ѓорѓиевска.

Покрај најавената акција за чистење, на градските гробишта во моментов се реализира и проектот за реконструкција на градската капела, за кој денеска беше извршен увид во градежните активности.
Градоначалникот Димитриевски информираше дека станува збор за проект кој Општина Куманово го аплицирала директно преку Министерството за транспорт и врски, во вредност од 36 милиони денари.
– Ова е проект којшто Општина Куманово го имаа аплицирано директно во Министерство за транспорт и врски во износ од 36 милиони денари. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на ресорниот министер Николоски, што истиот беше прифатен потврден од страна на Влада на Република Македонија и денеска веќе има изберено изведувач и се реализира, изјави градоначалникот.

Според Димитриевски, со проектот е предвидена целосна реконструкција на градските капели, како и уредување на дел од просторот и партерното уредување околу нив.
– Предвидена е целосна реконструкција на градските капели и дел од просторот и партерното уредување околу нив верувам дека ќе заврши истиот во предвиден рок согласно договорот којшто ова ресорно министерство го има потпишано претходно и распишано тендерска постапка“, посочи Димитриевски.

Од Општината очекуваат градежните активности да продолжат согласно предвидената динамика, додека паралелно со реконструкцијата ќе се работи и на уредување на целиот простор пред празникот Голема Богородица.
Никола Ивановски

