Цариниците на Граничниот премин Табановце запленија девизи во износ од 64.000 евра при обид нелегално да бидат внесени во Македонија.
– Царински службеници на влез на граничниот премин Табановце спречија обид за нелегален пренос на готовина во износ од 64.250 евра, пронајдени при контрола на автомобил со германски регистарски таблички со кој патувал грчки државјанин, информираат од Царинската управа на Македонија.
Како што се додава, девизите се запленети, а против лицето е поведена прекршочна постапка пред надлежен суд.
– Во конкретниот случај, на прашање на царинските службеници дали има нешто да пријави, лицето пријавило 60 илјади евра со образец издаден на влез во Република Србија. Поради сомневање во изјавата, царинските службеници заедно со полициски службеник на Фронтекс извршија детален претрес при што се пронајдени вкупно 124.250 евра, велат од Царина.

Согласно Законот за девизно работење на лицето му биле вратени 60 илјади евра, а останатите се одземени.

Годинава, како што посочуваат од Царинската управа, откриени се вкупно 30 случаи на нелегален пренос на девизи, при што запленети се вкупно 820.675 евра, 141.300 британски фунти и 35 илјади австралиски долари.

Никола Ивановски

