Денес Германија влегува во најинтензивната фаза од третиот топлотен бран оваа година, а метеоролозите предупредуваат дека температурата во некои делови од земјата би можела да надмине 40 степени целзиусови и да го загрози националниот температурен рекорд од 41,8 степени, објави весникот „Билд“.
Метеорологот Доминик Јунг изјави за весникот дека температурите помеѓу 30 и 41 степен целзиусов се очекуваат пред сè на истокот и југоистокот од земјата, и дека најжешкото би можело да биде јужно од реката Мајна, особено по должината на Рајна и Некар, како и во Горната Рајнска рамнина.
Најпријатно време се очекува на островите во Северното Море, каде што температурите ќе бидат помеѓу 23 и 29 степени целзиусови.
Над западните и северните делови од земјата се очекува продор на студен фронт, кој би можел да донесе налети на ветер од 50 до 60 километри на час, како и локално обилни врнежи од дожд и грмотевици.
Климатологот Карстен Брант процени дека постои можност за соборување на германскиот температурен рекорд од 41,8 степени целзиусови, особено во јужен Хесен, областите Манхајм и Лудвигсхафен, Јужен Пфалц, областа околу Фрајбург и Раштат, како и во долината на реката Некар.
Експертите предупредуваат и на многу висок ризик од шумски и полски пожари, кои достигнаа највисок, петти степен на опасност во четврток и петок.
Како што наведоа, неизгасната цигара, остатоците од скара или искрите од железничките пруги се доволни за да предизвикаат пожари.
Топлотниот бран ќе продолжи и денес.
Јужно од Мајна, температурата повторно би можела да достигне околу 38 степени целзиусови, додека северно од Рајна се очекуваат до 32 степени.
Во некои делови од земјата се можни обилни врнежи од дожд и грмотевици, особено на север, југозапад, централна Германија и Саксонија.
За викендот се очекува постепено заладување поради продор на студен фронт.
На север и северозапад, максималната дневна температура ќе се движи помеѓу 23 и 27 степени Целзиусови, додека на југ и исток од земјата сè уште ќе биде многу топло, од 27 до 35 степени, а локално на југоисток до 37 степени Целзиусови, со можност за нови грмежи.

