Спортската сала ќе се затоплува на гас, се шири гасоводната мрежа во Куманово (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Спортската сала во Куманово месецов треба да добие приклучок на гасоводната мрежа, а паралелно ЈП „Куманово гас“ продолжува со нови приклучоци и проширување на дистрибутивната гасоводна мрежа на повеќе локации низ градот.

Директорот на ЈП „Куманово гас“, Марко Митровски, информираше дека проектната документација за приклучување на спортската сала е целосно изработена и во моментов е во фаза на одобрување.

– Комплетната проектна документација е завршена, во фаза е на одобрување во урбанизам. По добивање на одобрението за поставување на опрема веднаш ќе пристапиме кон приклучување и во наредниот месец овој проект треба да биде завршен, изјави Митровски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  19-годишник приведен во Куманово, возел мотор без дозвола

 

 

Тој потсети дека претпријатието и оваа година продолжува со нови проекти, нови приклучоци и проширување на гасоводната мрежа.

По завршените приклучоци на девет објекти во централното градско подрачје во изминатиот период, годинава преку проектот на УНОПС ќе бидат приклучени уште неколку јавни установи.

Според Митровски, во тек е изработка на проектната документација за приклучување на Здравствениот дом Куманово, основните училишта „Наим Фрашери“ и „Вук Караџиќ“, како и градинката „Славејче“, кои се планира до почетокот на новата грејна сезона да станат корисници на природен гас.

Паралелно се работи и на проширување на дистрибутивната мрежа.

Еден од проектите го опфаќа потегот на улиците „Сава Ковачевиќ“ и „Браќа Филиповиќ“ до ООУ „Наим Фрашери“ и градинката „Славејче“, каде досега нема изградена гасоводна мрежа.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Се чека на пари од Владата за да се доврши реконструкцијата на Соколана (ВИДЕО)

– Проектот е во завршна фаза, наскоро ќе добиеме одобрение и веднаш ќе почнеме со изведба на дистрибутивната мрежа на тој потег, рече Митровски.

Нова гасоводна мрежа е предвидена и на улиците „Први Мај“ и „Ристовац“, каде што, како што посочи директорот, има поголем број заинтересирани граѓани за приклучување. На оваа локација ќе се гради мрежа во должина од околу 330 метри.

Во тек е и проектирањето на инфраструктурен проект од мерно-регулациската станица до индустриските зони „Новини“ и „Речица“. Планот е таму да се искористат околу седум километри цевки кои претходно беа обезбедени преку проект реализиран од Општина Куманово и ФЗЦ.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Акивно се работи на реконструкцијата на улицата „Индустриска“ (ФОТО)

Дополнително, се доработува инфраструктурниот проект за улиците „Индустриска“, „Железничка“ и „11 Ноември“, каде што е предвидена изградба на нова мерно-регулациска станица и приклучување на поголем број стопански субјекти.

Паралелно се подготвува и проект за изградба на дистрибутивна гасоводна мрежа во индустриската зона Доброшане.

Митровски оцени дека со реализацијата на овие инвестиции во наредните неколку години ЈП „Куманово гас“ ќе обезбеди стабилно работење, ќе може целосно да ги сервисира тековните трошоци и ќе создаде услови за понатамошно ширење на гасоводната мрежа во Куманово.

Никола Ивановски