Цените на нафтата денес паднаа на најниско ниво од крајот на февруари, при што референтната нафта Брент се движеше околу 72 долари за барел, а американската сурова нафта WTI се движеше околу 69 долари.
Ова се случи откако членовите на Организацијата на земјите извознички на нафта ОПЕК плус одобрија ново зголемување на производството, додека поморскиот сообраќај низ Ормутскиот теснец постепено се враќа во нормални текови, објави „Трејдинг економикс“.
ОПЕК плус одобри зголемување на производствените квоти за следниот месец за 188.000 барели дневно, продолжувајќи го постепеното укинување на претходно воведените ограничувања на производството, со проценка дека ситуацијата на пазарот се стабилизира.
Во исто време, водечките производители од Персискиот Залив го забрзуваат зголемувањето на производството, а извозот на Саудиска Арабија се приближува до нивоата видени пред неодамнешните регионални конфликти.
Нормализацијата на поморскиот сообраќај низ Ормутскиот теснец, еден од најважните светски патишта за транспорт на енергетски производи, исто така придонесе за смирување на пазарот, откако некои танкери ги сменија рутите или привремено се откажаа од премин поради безбедносни причини.
Дополнителен притисок врз цените дојде од одлуката на Саудиска Арабија да ја намали официјалната продажна цена на нејзината главна сурова нафта за купувачите во Азија.
Августската цена сега е поставена на попуст од 1,50 долари за барел во однос на референтната цена.
Аналитичарите проценуваат дека комбинацијата од зголемена понуда и намалување на геополитичките ризици придонесува за слабеење на цените на нафтата на светскиот пазар.

