Социјалните мрежи Тикток и Јутуб деактивираа околу 4,7 милиони сметки на корисници под 16 години во Индонезија, откако стапија во сила нови ограничувања за користење на социјалните мрежи.
Ова го изјави министерката за комуникации и дигитални технологии Мјутија Хафиз.
Хафиз изјави дека Тикток, во сопственост на кинеската технолошка компанија ByteDance, затворил околу 4,1 милиони сметки, додека Јутуб, во сопственост на Гугл, членка на групацијата Алфабет, деактивирал околу 600.000 сметки.
Според Ал Џезира, таа додаде дека Министерството очекува другите дигитални платформи да преземат слични мерки.
Во март, Индонезија донесе регулатива со која им се наредува на компаниите што управуваат со платформи означени како високоризични да ги деактивираат сметките на деца под 16 години.
Прописите важат и за мрежата X, платформата Инстаграм во сопственост на Мета, како и платформата за видео игри Роблокс.
Индонезиските власти велат дека новите ограничувања се воведени за да се намалат ризиците од сајбер малтретирање и зависност од социјалните медиуми кај децата и младите.
Мерките следат по одлуката на Австралија од минатата година да ја забрани употребата на социјалните мрежи од страна на малолетници поради загриженост за влијанието на платформите врз менталното здравје на младите.

