Од денеска во Куманово заеднички патроли на полицијата и комуналната инспекција (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Заеднички патроли на Министерството за внатрешни работи и Комуналната инспекција од денеска патролираат на критичните локации во Куманово каде во изминатиот период речиси секојдневно избувнуваат пожари поради палење кабли за вадење бакар.

Темата беше отворена на денешната седница на Советот на Општина Куманово, во рамки на советничките прашања, откако претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска потсети дека и покрај мерките договорени на општинскиот штаб за заштита и спасување, пожарите продолжуваат.

– Договоривме многу конкретни мерки на кои може да се постапува со тандеми кои ќе патролираат од комунална инспекција и полиција, договоривме и пункт од ТППЕ, многу работи се договорија, а веќе наредниот ден имаше пожар кај Кам и тунелот кај пругата, рече Ѓорѓиевска.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Три пожари денеска во населбата Перо Чичо, причина човечки фактор

Таа посочи дека жителите на улицата „Октомвриска револуција“ размислуваат за блокада поради честите пожари и загадувањето, прашувајќи што дополнително може да преземе полицијата.

Началникот на униформираната полиција при Полициската станица од Општа надлежност Куманово, Александар Лазаревски, одговори дека една од мерките договорени на кризниот штаб веќе е ставена во функција.

– Од денеска од осум часот веќе патролите заеднички почнаа да функционираат со комунална инспекција, сега засега по една патрола. Од понеделник се договоривме дека доаѓаат од одмори повеќе редари и комунални инспектори, ќе ги појачиме со по две патроли коишто ќе имаат задача да ги спречат овие лица. Доколку пак ги начекаме на лице место, истите ќе бидат приведени и ќе се спроведе сета онаа постапка како што се работи за расчистување на таквиот начин, изјави Лазаревски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Се запали товарно возило на кумановец, изгореа и хектар нискостеблести растенија

 

 

Тој појасни дека најголем дел од пожарите настануваат при палење кабли и електрични уреди за да се извлече бакар, а полицијата континуирано постапува и поднесува кривични и прекршочни пријави.

– Тоа ни се оние лица коишто во Куманово вршат и тешки кражби, кражби, оштетувања, исто така палат, предизвикуваат пожари. Во континуитет се поднесуваат кривични пријави, прекршочни пријави, но системот така е, постапките, истрагите се малку подолги и крајниот епилог за да ги тргнеме од јавна сцена да не прават понатаму однесувања поминува подолг период, а во тој период истите не престануваат да вршат девијантни однесувања, рече Лазаревски.

Тој додаде дека дел од сторителите се малолетници, поради што постапките се спроведуваат согласно Законот за малолетници, што дополнително ги усложнува процедурите.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Голем интерес за мерката самовработување во Куманово: Грант до 10.000 евра за нов бизнис (ВИДЕО)

Лазаревски информираше и дека во рамки на оперативната акција „Пожари 2026“ полицијата ќе продолжи со засилени контроли на критичните локации, а со наближувањето на летната сезона ќе се интензивираат и патролите во шумските предели.

Тој посочи дека во секое полициско возило се обезбедени торби со вода за службениците да можат веднаш да интервенираат доколку први пристигнат на местото на пожар.

Никола Ивановски