Христијанско-словенското население од Кумановската област за време на турското владеење, почнувајќи главно од крајот на 18 век па до 1912 год., било поделено на две групи: на група слободни или раетски селани, кои и понатаму ги сочинувале имотите, и на група селани чифчии, кои обработувале беговско-агински имоти.
Во следниве редови ќе изнесеме неколку примери кои покажуваат како во времето на опаднувањето на турското владеење поранешните спаилаци постанувале наследни добра, или како поединечни муслимански силници ги приграбувале подобрите имоти од слободните селани, преобразувајќи ги во чифлици, а селаните во чифчии. Локалните преданија од кумановскиот крај и сега се полни со податоци за тоа. Спомените на чифчиските односи сочувани се и во топографските имиња.
Селото Проевце во текот на 19 век било чифчиска населба. Сега се памети господарот Дестан-бег кој бил од Куманово. По неговата смрт, сопственик на целото село постанал неговиот син Џавид-бег, а по него образувани се два чифлика на Али-бег и Риза-бег. Власниците живееле во Куманово. По 1912 год., државната власт ја поделила земјата на македонските селани (12 домаќинства). Тогаш на синорот од Проевце со земја се здобиле и жители од соседниот град.
Пред крај на турското владеење сета земја и во селото Ш у п л и К а м е н припаднувала на чифлик-сајбиите. Постоеле четири чифлици, чии власници биле Куртиш, Клинчар, Ефендија и Шабедин. Исто така биле кумановски Турци. До споменатата 1912 год. чифлик-сајбиската земја ја работеле 30 селски домаќинства. Покасно и тие земјата ја добиле со помош на аграрна реформа.
Селото Режановце лежи недалеку од Куманово, кон северозапад. При ослободувањето од турската власт тоа било затечено со 17 христијански домаќинства. Обработувале земја на некој Сулејман, населен во Тетово. По неговата смрт околу 1910 год. земјата режановска ја поделиле неговите синови – Асан, Ештреф и Салија. Секој имал одделна чифлик-сајбиска кула. За чифчиите постоеле неугледни куќи покриени со слама. Нив ги граделе сопствениците на чифликот.
За време на турското владеење селото О р а ш а ц било раетска населба. Единствено некои Демир, Ќазим и Јашар-бег од Куманово, пред 1912 год. се обиделе да основаат мали чифлици. Но, во тоа не успеале, така што по 5-6 години на постоењето на чифлиците пропаднале. Тешкотија во одржувањето на чифлиците претставувале комитите, кои околу 1900 год. го убиле Ајдара, опасниот полјак на чифликот од Јашар-бег.
Крај сливот на р. Бистрица во Пчиња постоела мала населба О р в а н и ц а. Пред крај на турското владеење тоа бил чифлик. Сопственици на чифликот биле муслимански Албанци – браќата Асан, Ајваз и Шабан. Нивните домаќинства во Орваница биле доселени од кумановското село Муталово. Чифликот во Орваница го основал таткото на споменатите браќа Дели Аф’з, во втората половина на 19 век. Зафаќал по нешто земја и од овие околни христијански села: Пелинце, Коинце, Алгуња и Челопек. Од крајот на турското владеење Орваница не постои како населба.
На почетокот од 19 век, сопственик на селото К о к и н о бил некој кратовски бег. Негови биле и други населби во источниот дел на кумановскиот крај – Арбанашко, Брешко, Врачевце, Добрача и т.н. Таа беговска земја е продадена на селаните. Жителите од Кокино за нивите и пасиштата плаќале со злато. Откупувањето на селаните се претпоставува дека е извршено во втората половина на 19 век.
Во 19 век селото В о ј н и к било типична чифличка населба. Пред крај на тој и во почетокот на следниот век, сопственикот се викал Јашар-бег. Имал чифлици и во други кумановски села – Бајловце, Стрезовце, Клечовце. Споменатиот бег во с. Војник имал и голема воденица на р. Пчиња, динк за лупење на ориз и ан за патници. Неколку години пред крајот на турското владеење, чифликот во Војник, Јашар-бег го дал „под ќесим“ на својот поранешен ќаја – Авмет. Бегот се повлекол да живее во Скопје.
Во втората половина на 19 век во селото А л и н ц е, еден кумановски Турчин, по името Мурто, имал чифлик. Се наоѓал во маалата Старо Село. Поради комитите, пред крајот на турското владеење, и тој ја продал земјата на селаните. Сега по него останале топографски имиња – Муртина Страна и Муртин Камен.
Штом ќе се поведе разговор за минатото на селото С к а ч к о в ц е, веднаш се споменува тешкиот живот во чифликот на Јашар-бег. Тој целата населба ја почифличил околу средината на 19 век. Тоа било во времето кога по околината на Куманово се појавиле бројни албански качаци, главно од Карадаг. Во таква ситуација, споменатиот кумановски бег им ветил на селаните дека ќе ги брани од качаците. Жителите му ја предале земјата и постанале негови чифчии. Јашар-бег го наследил неговиот син Ибраим-бег, па внукот „мал“ Јашар-бег. Чифликот постоел до 1912 год.
Во втората половина на 19 век, К а р а б и ч а н е било чифчиска населба. Целиот атар на селото припаѓал на еден кумановски бег – Мехмед-бег. После Мехмед-бег, чифлик имал Рамиз-бег, потомок на Мехмед-бег. Од 1912 до 1918 год. последниот сопственик Зија-бег, земјата ја продал на селаните. Тој таа земја ја наследил од својот татко и дедо. 1912 год. Карабичане имало 7-8 домаќинства, во кои селаните работеле на имотот на Зија-бег.
Пред крај на турското владеење во Н и к у љ а н е биле формирани два албански чифлици. Сопствениците се викале Ибраим и Селим. Првиот бил од кумановското село Слупчане, додека вториот бил мухаџир од околината на Врање. Многу земја имал споменатиот Ибраим („половина од поле„). Ибраим и Селим имале постојани домаќинства во Никуљане. Куќата на Ибраим се наоѓала во Горна Маала, додека на Селим во Терзинска маала.
Пред крај на турското владеење, поединечни христијани од селото Г о р н о К о ј н а р е имале своја земја за обработка, на пример, родовите: Бирдевци, Денковци и Костевци. Останатите христијани работеле земја на чифлик-сајбиите. Постоеле три чифлици на Асан-бег, Рашид-бег и Јашар-бег. Тие биле скопски бегови.
Пред крај на турското владеење и во Д о л н о К о ј н а р е имало неколку чифлици. Припаѓале на поединечни кумановски муслимани. Сопствениците на чифлиците биле Фета-ага и Ферат-ага. Малобројното население обработувало земја во чифлиците на споменатите бегови. Исто така во Долно Којнаре имало и две кули. Едната била во сопственост на некој си Рамиз. Се викала Рамизова кула.
Селото Биљановце пред крај на турското владеење било мало чифчиско село. Имало пет македонски домаќинства. Населението обработувало чифлик-сајбиска земја. Тие домаќинства се викале: Величкови, Кимеви, Нешови, Севдеви и Тошини. Сопственик на земјата бил Амед-бег од Кратово. Во Биљановце имал кула и амбари за жито (во маалата Село). Малобројните селани „колку можеле, толку работеле“. Поголемиот дел на атарот служел како утрина.
Чифлици постоеле и во другите села во Кумановскиот крај.
Изнесениве примери покажуваат дека сопствениците на чифлиците биле муслимани – Турци и Албанци. Потекнувале од Куманово, Кратово и од други населби и краишта. Селаните се приберувале на едно место околу чифлик-сајбиската кула. Животот на чифчиите бил под надзор на сопственикот на чифликот или на неговиот застапник. Застапниците редовно биле Албанци. Таквиот систем ја уништувал иницијативата кај селаните – чифчии. Секој ага сакал чифчијата да има доста жив добиток, бидејќи тој подобро ја наѓубрувал и обработувал земјата.
На крајот од турското владеење, во 1912 год. во околината на Куманово се затекнала една мала група земјоделско население во чиј состав влегувале христијанските Роми. Тоа биле земјоделски момци, кои немале ништо, па дури ни добиток. Служеле на беговски имоти под тешки услови. Сопствениците на имотите Ромите ги доведувале од разни страни.
Неколку години пред крајот на турското владеење (околу 1890 год.), а особено од 1912 год., приликите во овој поглед сосема се измениле: извршен е откуп на чифчиите, или новата српска државна власт беговско-агинските имоти ги поделила на селаните. На тој начин престанале да постојат дотогашните тешки аграрни односи.
Извор:
Ј.Х. Васиљевић (1909) – Јужна Стара Србија (Кумановска Област), Издање задужбине И. М. Коларца, стр.140, Београд.
Ј. Ф. Трифуноски (1974) – Кумановска област, Скопје
Филип Ѓошевски – Дипломиран географ