Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им рече на министрите на состанокот на владата синоќа дека нема да свика гласање за најновата верзија на договорот за прекин на огнот со Либан, постигнат со посредство на САД, додека либанското милитантно движење Хезболах не ги прифати условите од документот.
Според извештајот на израелскиот портал Инет, министрите го критикувале кревкото примирје што израелските и либанските делегации се договориле да го обноват за време на состанокот во Вашингтон во средата, и побарале да се стави на гласање во владата пред Израел да ги прифати неговите услови.
Нетанјаху, сепак, одби да свика гласање, велејќи им на министрите дека „во овој момент нема договор“ бидејќи Хезболах одби да ги прифати наведените услови.
„Хезболах е против и затоа јас не донесувам одлука“, рече Нетанјаху, според Инет, додавајќи дека ќе го достави договорот за примирје на одобрување до кабинетот доколку Хезболах се согласи со условите на примирјето.
Шефот на либанската милитантна група Хезболах, Наим Касем, во четвртокот изјави дека се додека либанските села се бомбардираат и луѓето умираат, северен Израел нема да биде безбеден.
„Примирјето со Израел треба да го вклучи и јужниот дел на Либан. Отпорот ќе продолжи се додека Израел е во Либан“, рече Касем.
Шефот на Хезболах додаде дека отфрла каква било поврзаност помеѓу присуството на неговата група и прекин на огнот или израелско повлекување.
„Преговорите со Израел се „бесрамни“. Ние сме заинтересирани само за целосен прекин на огнот и повлекување на Израел од југот“, посочи Касем.
Хезболах претходно соопшти дека го отфрла договорот за прекин на огнот поддржан од САД со Израел.
Групата во соопштението рече дека „официјално го известила либанскиот претседател Џозеф Аун за отфрлањето на договорот, инсистирајќи дека секој прифатлив договор мора да започне со целосно повлекување на Израел од целата либанска територија“.
Хезболах рече дека исто така ги смета враќањето на раселените жители, напорите за реконструкција и ослободувањето на либанските затвореници „неопходни услови за секој иден договор“.

