Продолжува реконструкцијата на водоводната мрежа на улицата „11 Октомври“ во Куманово, на потегот од улицата „Гоце Делчев“ до улицата „4 Јули“, со цел подобрување на водоснабдувањето и намалување на загубите на вода во овој дел од градот.

Со проектот е предвидена замена на дотраената водоводна инфраструктура, што треба да обезбеди поквалитетно, постабилно и посигурно водоснабдување за жителите и деловните објекти долж оваа фреквентна сообраќајница.

Според градоначалникот Максим Димитриевски, реконструкцијата е дел од пошироките активности за модернизација на комуналната инфраструктура во Куманово.

Од Општина Куманово посочуваат дека со реализацијата на реконструкцијата ќе се подобрат комуналните услуги и ќе се создадат услови за понатамошен инфраструктурен развој на градот.

Проектот е дел од низата инвестиции насочени кон обновување на водоводната и канализациската мрежа, како и унапредување на градската инфраструктура.



Никола Ивановски

