Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа објави дека предупредувањата од разузнавањето за руски масовни напади остануваат на сила, објави Укринформ.
„Може да се случи масовен напад, тие го подготвија. Нашите небесни бранители се што е можно поподготвени со расположивите ресурси и залихи“, рече тој во видео обраќање синоќа.
Претходно, претставникот на Главната дирекција за разузнавање на украинското Министерство за одбрана, Андриј Јусов, ја нарече демонстрацијата на подготвеноста на Русија за гранатирање со последователно одложување на масовните напади елемент на психолошки притисок.
Руското Министерство за надворешни работи претходно препорача странските државјани да го напуштат Киев и да ги избегнуваат воените и владините објекти, заканувајќи се дека ќе започне „систематски напади“ врз украинскиот главен град.
На 29 мај, Зеленски ги повика Украинците да ги послушаат воздушните предупредувања во врска со подготовките на Русија за нов масовен напад врз Украина.
Најмалку четири лица беа убиени, а 51 беа ранети во масовен напад на руските сили врз Киев, изјави утрово градоначалникот на главниот град на Украина, Виталиј Кличко.
„Во моментов има четири познати смртни случаи во главниот град. Пријавени се 51 повредени лица, вклучувајќи три деца. Лекарите хоспитализирале 35 лица, а останатите биле згрижени на лице место и амбулантски“, рече Кличко во објава на Телеграм.
Како што изјави, „како резултат на масовниот напад на непријателот врз главниот град, евидентирана е штета во различни делови од градот“, пренесува Танјуг.

