Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел изјави дека се надева дека војната во Украина ќе заврши во следната деценија и дека Украина ќе остане независна, слободна и суверена земја.
Меркел го изјави ова во интервју за подкастот на 1LIVE „0630 – der News-Podcast“, снимен на WDR Europaforum во Берлин, одговарајќи на прашањето каде ја гледа Европа и младите луѓе за десет години.
На изјавата на водителката дека војната во Украина ќе трае уште десет години, таа одговори дека се надева дека дотогаш ќе заврши и дека Украина ќе биде независна, слободна, суверена земја.
Во истиот разговор, Меркел ја отфрли можноста таа да ја преземе улогата на медијатор во евентуалните преговори за завршување на војната.
Таа изјави дека таква улога треба да ја играат оние кои држат државни позиции и сносат непосредна политичка одговорност.
Таа потсети дека како канцелар учествувала во преговорите за договорите од Минск во 2015 година, во нормандиски формат, заедно со тогашниот француски претседател.
Нејзината изјава дојде во време кога европските дипломатски кругови повторно дискутираат кој би можел да ја претставува Европската Унија во евентуалните разговори со Москва.
Според извештаите на западните медиуми, меѓу споменатите имиња се Ангела Меркел, поранешниот италијански премиер и поранешен претседател на Европската централна банка Марио Драги, како и финскиот претседател Александар Стаб.
Меркел, сепак, јасно стави до знаење дека не сака да се врати на активна дипломатска улога. Нејзиниот став е дека контактите за решавање на украинскиот конфликт мора да останат во рацете на сегашните шефови на држави и влади, а не на поранешните лидери, без разлика колку искуство имале во разговорите со Москва.
Поранешната канцеларка во последните недели постојано зборуваше за потребата Европа, покрај воената поддршка за Киев и политиката на одвраќање, повеќе да користи дипломатски канали.
Таа оцени дека Европа не го користи доволно својот дипломатски потенцијал во однос на Русија.

