Владите на Европската унија дискутираат дали поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, или поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, би можеле да претставуваат блок во потенцијалните преговори со рускиот претседател Владимир Путин, објави денес „Фајненшл тајмс“.
Министрите за надворешни работи ќе разговараат за можните кандидати на состанокот на ЕУ на Кипар следната недела, според извештајот на „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на луѓе запознаени со ова прашање.
Минатата недела, европските влади го отфрлија предлогот на рускиот претседател поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, кој има блиски односи со Путин, да ја претставува ЕУ во можните идни разговори со Москва за безбедноста на континентот.
Путин посочи дека би бил подготвен да преговара за нови безбедносни аранжмани за Европа.
Министрите за надворешни работи на Европската унија се скептични дека Русија е подготвена да ја заврши војната и искрено да преговара за мир и безбедност за Европа.
Изолација и санкции од 2022 година
ЕУ спроведува политика на изолација на Русија од инвазијата на Москва во Украина во 2022 година.
Унијата воведе санкции и имаше малку политички и дипломатски контакти на високо ниво со Русија.
Но, со оглед на тоа што разговорите предводени од САД за ставање крај на конфликтот постигнуваат мал напредок, додека Вашингтон се фокусира на војната во Иран, некои европски претставници ја повикаа ЕУ да разгледа директни разговори со Москва, кои би можеле да ги води специјален пратеник.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, изјави дека разговара со другите лидери на ЕУ „за да се организираме и да утврдиме што ни е потребно“ за да разговараме со Русија кога ќе дојде „вистинскиот момент“.

