Промоција на романот „Немам страв“ од Трајче Стамески вечерва во Куманово

Сподели со своите пријатели

Во фоајето на НУЦК „Трајко Прокопиев“ вечерва со почеток од 19 часот ќе се одржи промоција на романот „Немам страв“ од авторот Трајче Стамески, во издание на Панили.

Романот ќе го промовираат проф. д-р Владимир Мартиновски и проф. д-р Октај Ахмед, додека водителка на настанот ќе биде Ана Љубиќ.

Во рамки на вечерта ќе бидат интерпретирани извадоци од романот од страна на Ана Манасиевска, Јована Лазаревска, Ива Додевска и Теодора Николовска.

Настанот ќе биде збогатен и со ликовна точка од Ален Милковски, како и музички настапи на Софиа Јелена Ковачевска, Јован Цветковиќ и Иван Спасовски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Приведен 34-годишен кумановец, ја нападнал својата сопруга

„Немам страв“ е психолошки роман кој ја истражува границата меѓу фантазијата и вистината, како и прашањата за храброста да се создаде смисла пред лицето на заборавот и етичката одговорност при допирот со туѓата интимност.

Делото го отвора и прашањето дали уметноста може да го замени животот и дали човекот секогаш има право на тоа.

„Градев врска што постоеше само во архитектурата на мојот ум“, е еден од извадоците од романот.

Трајче Стамески е роден во 1975 година во Скопје и работи како универзитетски професор по македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“.

Автор е на повеќе научни трудови, а неговиот творечки интерес е насочен кон современата проза, наративните техники и односот меѓу фикцијата и психолошката стварност.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Јавна дебата на тема „Женско лидерство како огледало на заедницата“ утре во Куманово

Никола Ивановски