Јапонската префектура Ибараки, североисточно од Токио, денес започна програма за наградување за лицата кои ќе пријават бизниси кои вработуваат нелегални странски работници.
По проверка на точноста на информациите, префектуралната влада ќе ги пријави работодавачите во полиција, објави Кјодо.
Доколку информациите доведат до спроведување мерки, пријавувачот ќе добие награда од 10.000 јени.
Програмата беше воведена откако префектурата соопшти дека има најголем број недокументирани странски работници меѓу 47-те префектури во Јапонија четири години по ред.
Локалните власти велат дека странските работници се неопходни во услови на сериозен недостиг на работна сила и дека сузбивањето на нелегалното вработување ќе помогне во справувањето со злоупотребите на човековите права, според Кјодо.
Локалната адвокатска комора и граѓанските групи кои ги поддржуваат странските жители велат дека тоа ќе поттикне дискриминација и социјални поделби.
Околу 10 членови на граѓанска група утрово одржаа протест пред канцеларијата на префектурата, барајќи повлекување на програмата.
„Програмата ќе ги заплаши странските работници кои се редовно вработени“, рече Такао Нишимура (53), член на граѓанска група која ги поддржува странците во притворниот центар Ушику.
Според упатствата на префектурата, пријавувањето ќе биде ограничено на компании кои вработуваат, посредуваат или се осомничени за олеснување на нелегално вработување, а информациите доставени со злонамерна намера или за лица врз основа на нивниот изглед или националност нема да бидат прифатени, пренесува Танјуг.
Апликациите може да се поднесат преку веб-страницата на префектурата со наведување лични информации како што се име, адреса и телефонски број, и мора да вклучуваат копија од документ за идентификација, како што е возачка дозвола, соопшти префектурата.
Кјодо потсетува дека гувернерката на Ибараки, Казухико Оигава, минатиот месец изјави дека корегирањето на нелегалните активности е „фундаментална одговорност“ на локалната самоуправа, додавајќи дека „тоа е сосема различно од исклучување на странците“.

