Министерството за здравство на Аргентина објави дека стручни тимови ќе бидат испратени во Ушуаја за да спроведат истрага и анализа на глодари за можно присуство на хантавирус, по случаи поврзани со крстаречкиот брод MV Hondius.
Тимовите ќе фаќаат и испитуваат глодари во области поврзани со движењето на патниците, со цел да утврдат дали вирусот постои во природните резервоари, соопшти ресорното министерство, пренесува „Буенос Аирес Тајмс“.
Бродот исплови од Ушуаја на 1 април, а подоцна се закотви во близина на брегот на Зеленортските Острови, откако тројца патници починаа, осомничени дека се заразени со хантавирусот.
Истрагата, сепак, сè уште не потврдила дека инфекцијата потекнува од Аргентина.
Според здравствените податоци, хантавирусот обично се пренесува со контакт со заразени глодари, преку урина, измет или плунка, додека преносот од човек на човек е редок, но е возможен со одредени соеви.
Аргентинското Министерство за здравство наведува дека провинцијата Тиера дел Фуего, каде што се наоѓа Ушуаја, нема пријавени случаи од 1996 година, додека експертите посочуваат дека секоја година во Аргентина се случуваат спорадични случаи, но не и епидемии.
Според податоците на аргентинските власти, годинава се регистрирани 42 случаи, додека во последните 12 месеци се регистрирани 101, што е речиси двојно повеќе од истиот период од претходната година.
Познавачите велат дека зголемувањето на бројот на заболени не укажува на епидемија, туку на индивидуални инфекции кои редовно се случуваат во земјава.
Во меѓувреме, здравствените власти во Барилоче потврдија нов случај на болеста кај 45-годишен пациент, кој е хоспитализиран и префрлен на интензивна нега, додека членовите на неговото семејство се ставени во превентивна изолација.
Истрагата за потеклото на инфекцијата е во тек, имајќи предвид дека пациентот неодамна престојувал во неколку провинции на северот на Аргентина.

