Во Куманово ќе се одржи 8. издание на Графити фест (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Осмото издание на Графити фест годинава повторно ќе го претвори Куманово во центар на уличната уметност, креативноста и младинската енергија.

Фестивалот ќе се одржува од 5 до 9 мај, а организаторите од Здружение Форма Куманово најавуваат побогата и поразновидна програма од претходните години.

Како што информира Дејвид Стоилковски од здружението, подготовките се во завршна фаза, а годинава се очекува учество на осум до девет артисти, од кои дел ќе работат на графити, а дел на мурали.

„Од 5 мај почнуваме со изработка на мурали на три локации во градот, а еден од муралите ќе биде токму на местото каде што ќе се одржи и главниот фестивалски настан“, вели Стоилковски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Почна поставувањето на нов систем за греење и ладење во Спортската сала во Куманово

 

 

Фестивалот годинава ќе се одржи на две локации, односно од 5. до 8. мај ќе биде на улицата „Егејска Македонија“, додека на 9ти ќе продолжи на булеварот „Октомвриска револуција“.

Според Стоилковски, фестивалот ќе има меѓународен карактер, со учесници од речиси сите балкански земји, но и гости од Турција и Данска.

„Го проширивме фестивалот и со уметници од други европски држави, што значи дека оваа година ќе бидеме уште поразновидни“, додава тој.

 

 

Младен Трендевски од Здружение Форма Куманово посочува дека годинашното издание носи и значаен новитет – едукативна работилница со професор и уметник од Копенхаген, која ќе се одржи во СОУ „Перо Наков“ Куманово со учениците од графички дизајн.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Свечена академија во Куманово по повод Денот на македонскиот литературен јазик

„Тој ќе зборува за уличната уметност во Европа и за тоа како преку неа може да се влијае во општеството“, истакна Трендевски.

 

 

Главниот настан е закажан за 9 мај на улицата Октомвриска револуција, каде освен исцртување графити ќе има и музичка програма, штандови со храна и пијалаци, содржини за деца, работилници и зони за дружење и забава.

Организаторите велат дека и покрај тоа што фестивалот не добил институционална поддршка од општината и министерството, ентузијазмот не изостанува.

„Фестивалот се реализира благодарение на општествено одговорни компании, пријатели и луѓе што веруваат во оваа култура“, потенцира Стоилковски.

Од Здружение Форма Куманово велат дека нивната цел останува иста – преку уличната уметност да се разубави градот и да се испрати порака дека уметноста има свое место во јавниот простор.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Општина Куманово доби признание за извонредно финансиско управување

„Простор за цртање секогаш има, а оваа година мислам дека ќе оплемениме добар дел од градските ѕидови“, порачува Стоилковски.

Никола Ивановски