Делови од Куманово, особено повисоките зони утре ќе се соочат со недостаток на вода, додека останатите делови ќе имаат намален притисок.
Како што информираат од Јавното претпријатие „Водовод“ ова се должи на интервенции и активности за санации од страна на АД „Водостопанство Кумановско – липковско поле“.
– Од нивна страна ќе биде затворен бај-пас, т.е. 4 грана, поради санација на дефекти на истата и изведба на тековни активности поради отпочнување на сезона за наводнување. Поради што до филтер станица значително ќе се намалат количините на вода која се преработува и се пушта во водоснабдителниот систем на Куманово. Поради тоа можно е во повисоките точки од градот да има времен прекин на водоснабдување, додека во останатите делови да се почувствува намален притисок во водоводната мрежа, информираат од ЈП „Водовод“.
Како што додаваат, во функција ќе бидат ставени сите капацитети на претпријатието се со цел да не се осети намалениот доток на вода.
– Се молат граѓаните за разбирање бидејќи со овие неопходни интервенции ќе се зголеми сигурноста на водоснабдување на населението во општина Куманово. Ги замолуваме граѓаните за рационална потрошувачка на вода, стои во соопштението.
Никола Ивановски

