Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека се обидел да го привлече вниманието на Белата куќа кон тесната соработка меѓу Москва и Техеран, но дека САД ги игнорирале убедливите докази дека Русија му помага на Иран да ги таргетира американските бази на Блискиот Исток затоа што „му верува“ на рускиот претседател Владимир Путин.
Зеленски во британскиот политички подкаст „Останатото е политика“ со Алистер Кембел, советник на поранешниот британски премиер Тони Блер, изјави дека руските воени сателити фотографирале критични објекти за енергетска инфраструктура во земјите од Персискиот Залив и во Израел, како и локациите на американските воени бази низ целиот регион, и дека Кремљ му доставувал детали и слики на иранскиот режим за да ги олесни неговите напади, објавува Гардијан.
„Јас го кажав тоа јавно. Дали ја слушнавме реакцијата на САД кон Русија, дека тие мора да го спречат тоа? Проблемот е што тие му веруваат на Путин. И тоа е штета“, рече Зеленски.
Тој додаде дека тимот на американскиот претседател Доналд Трамп не успеал „вистински да ги разбере деталите за тоа што сака Русија“ бидејќи двајцата преговарачи на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, „поминале премногу време“ со Путин и неговите високи функционери.
Зеленски рече дека ја разбира психологијата на рускиот лидер и реалните воени цели подобро од Белата куќа, како и дека Путин нема да застане ако го освои Донбас, а потоа ќе се обиде да ги освои регионалните престолнини Днепар и Харков, пренесува Танјуг.
„Мораме да признаеме дека Американците делумно чувствуваат дека (Донбас) не е ништо за нас. Тие не сакаат да признаат дека Путин ќе ги излаже и дека може да ја продолжи окупацијата дури и по ваквите чекори. Американците се сигурни дека можат да му веруваат на Путин“, рече Зеленски.
Зеленски го нарече патувањето на американскиот потпретседател Џ.Д. Венс во Будимпешта во вторник и среда, каде што тој водеше кампања за унгарскиот претседател Виктор Орбан, „бескорисно“ и додаде дека нема намера да се меша во изборите што ќе се одржат во недела, на 12 април, наведувајќи дека на унгарскиот народ е да одлучи која партија ќе ја поддржи.
Тој посочи дека Европа треба да ја зголеми својата моќ во време кога САД се закануваат со повлекување од НАТО, а ЕУ треба да ги здружи силите со Украина, Велика Британија, Турција и Норвешка за да создаде воен блок доволно голем за да ја одврати Русија.
„Без Украина и Турција, Европа нема да има слична армија како што има Русија. Со Украина, Турција, Норвешка и Велика Британија, ќе ја контролирате безбедноста на морињата, а не на едно море“, заклучи Зеленски.
Тој рече дека е сигурен дека Киев еден ден ќе се приклучи на ЕУ.

