Силни потреси што траеја од 10 до 20 секунди беа почувствувани во Битунг во покраината Северен Сулавеси, како и во градот Тернате во соседната покраина Северен Малуку, соопшти Агенцијата за управување со катастрофи.
Овие покраини се граничат со Молучкото Море, каде што беше епицентарот на земјотресот.
Според првите податоци, предизвикана е претежно мала штета, но во делови од Тернате, срушена е црква и две куќи.
Штетите сè уште се проценуваат во Битунг, соопшти Агенцијата.
Индонезиската агенција за пребарување и спасување соопшти дека 70-годишна жена загинала при уривање на зграда во градот Мандао, Северен Сулавеси, а друг жител на зградата е повреден.
Најмалку тројца повредени се префрлени во болница во Тернате.
По првиот земјотрес следеле десетици последователни потреси, вклучувајќи еден со јачина од 6,2 степени.
Властите сè уште собираат информации за штетите и можните жртви од повеќе области, особено во оддалечените села, додека работат на проценка на обемот на катастрофата.
Цунами бранови до 75 сантиметри над нормалните плими беа регистрирани на неколку станици за следење околу брегот на Молучкото Море.
Индонезиската метеоролошка агенција го укина предупредувањето за цунами неколку часа по земјотресот, а Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија соопшти дека нема деструктивна закана за земјата северно од епицентарот на земјотресот.
Индонезија е голем архипелаг со повеќе од 280 милиони луѓе, сместен на сеизмички раседи и често погоден од земјотреси и вулкански ерупции.

