Претседателот на ОАЕ разговараше со премиерот на Ирак и кралот на Шпанија за смирување на тензиите

Сподели со своите пријатели

Претседателот на Обединетите Арапски Емирати Мохамед бин Зајед Ал Нахјан разговараше по телефон со ирачкиот премиер Мохамед Шиа Ал Судани и кралот Фелипе VI од Шпанија за најновите случувања во регионот и последиците по безбедноста и стабилноста.

За време на разговорот, беше истакната важноста од итно деескалирање на конфликтот на Блискиот Исток и враќање кон дијалогот и дипломатските решенија со цел зачувување на регионалната и глобалната безбедност и стабилност, објави државната новинска агенција WAM.

За време на разговорот со ирачкиот премиер, соговорниците разговараа за регионалните тензии и нивните последици, вклучувајќи ги, како што е наведено, иранските напади врз ОАЕ и одредени земји во регионот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Европа мора да се разбуди, вели шпанскиот шеф на дипломатијата

Ал Судани го осуди нападот врз Генералниот конзулат на ОАЕ во Курдистанскиот регион на Ирак, што се случи по втор пат во рок од една недела, оценувајќи го како сериозно кршење на меѓународните норми и конвенции што ја гарантираат заштитата на дипломатските мисии.

Тој истакна дека Ирак отфрла секаков напад врз дипломатските и конзуларните мисии на негова територија и ја нагласи решеноста на Багдад да обезбеди нивна целосна заштита за да можат да продолжат да работат во безбедна средина.

Во посебен телефонски разговор, кралот Фелипе VI ги осуди, како што изјави, иранските напади насочени против ОАЕ и неколку земји во регионот и ја изрази солидарноста на Шпанија со мерките што земјата ги презема за да го заштити својот суверенитет, безбедност и територијален интегритет.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Палестинец загина во ракетен напад врз Абу Даби

Кралот на Шпанија, исто така, се заблагодари за „вниманието што властите на ОАЕ им го посветуваат на шпанските граѓани и на сите жители на земјата“, како и за напорите за обезбедување на нивната безбедност и олеснување на процедурите за време на кризата, пренесува Танјуг.

Претседателот на ОАЕ му се заблагодари на кралот на Шпанија за поддршката што неговата земја им ја дава на Емиратите.