Непалците денес одат на предвремени општи избори, први по протестите предводени од младите минатиот септември, во кои загинаа 77 лица и владата беше принудена да поднесе оставка.
Демонстрантите бараа крај на корупцијата и повеќе работни места, објавува Ројтерс.
Во текот на децениите, оваа мала хималајска земја сместена меѓу Кина и Индија се соочи со политичка нестабилност, со дури 32 промени на владата од 1990 година.
Ова ја ослабна претежно аграрната економија на земјата и принуди милиони луѓе да бараат работа во странство.
Речиси 19 милиони од вкупното население на Непал од 30 милиони имаат право да гласаат на изборите за парламентот од 275 члена.
Од тој број, 165 пратеници се избираат директно, додека 110 места се распределуваат според пропорционалниот систем.
Околу еден милион нови гласачи, претежно млади луѓе, беа регистрирани по минатогодишните протести, што дополнително ги интензивираше повиците за реформа на политичкиот систем и економијата за создавање подобро платени работни места.
На изборите учествуваат повеќе од 3.400 кандидати од 68 партии. Во изборната трка се вклучени и претставници на старата гарда, вклучувајќи ги центристичкиот Непалски конгрес (НК) и Комунистичката партија на Непал (Обединети марксисти-ленинисти – УМЛ), кои со децении доминираат во националната политика.
Сепак, повеќето аналитичари веруваат дека центристичката партија Растрија Сватантра (РСП) е во водство.
Раперот кој стана политичар, Балендра Шах (35), се приклучи на тригодишната партија во јануари како нејзин кандидат за премиер.
Поранешниот градоначалник на главниот град Катманду, кој стана лице на септемвриските протести, Шах е во директна конкуренција со кандидатот на УМЛ, 74-годишниот К.П. Шарма Оли, четирикратниот премиер кој поднесе оставка по смртта на демонстрантите во септември.
Изборите во Непал ќе бидат втори во регионот, по оние во Бангладеш, кои беа распишани по протестите предводени од Генерацијата З.

