Потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џ.Д. Венс, изјави дека „нема шанси“ евентуалните воени напади на САД врз Иран да доведат до повеќегодишна војна на Блискиот Исток.
Во интервју за „Вашингтон пост“, Венс рече дека американскиот претседател Доналд Трамп разгледува опции – од воени напади за да се спречи Иран да добие нуклеарно оружје, до дипломатско решение, но дека САД нема да влезат во повеќегодишен конфликт.
„Идејата дека ќе бидеме во војна на Блискиот Исток со години без крај на повидок – нема шанси тоа да се случи“, рече Венс.
Тој се опиша себеси како „скептик за странски воени интервенции“, потсетувајќи се на своето искуство во војната во Ирак, но додаде дека САД не смеат автоматски да ја отфрлат секоја воена опција поради „грешките од минатото“.
Разговорите меѓу САД и Иран продолжија во четврток во Женева, без да се постигне конкретен договор, додека американското воено присуство во регионот е на едно од највисоките нивоа во последните две децении, според весникот „Вашингтон“.
Во интервјуто, Венс, исто така, коментираше за дискусиите во рамките на конзервативното движење за политиката кон Израел, наведувајќи дека отворената дебата е здрава за десницата.
Тој, исто така, се осврна на интервјуто на поранешниот водител на „Фокс њуз“, Такер Карлсон, со американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби, оценувајќи дека тоа бил „добар разговор“ и покрај контроверзиите.

