Во Челопек се живее со страв, додека се истражуваат сомнежи за повеќе убиства (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Жителите на селото Челопек живеат во страв, додека надлежните истражуваат дали 25-годишник убивал жени низ селата од Општина Старо Нагоричане.

Случајот кој ги потресе околните села може да резултира со откривање на сериски убиец, откако обвинителството и полицијата соопштија дека истражуваат неколку случаи кои ги поврзуваат со дваесет и петгодишниот Т. Б. од Малотино.

Неофицијално, се истражуваат пет убиства поврзани со него. Откако таа информација излезе во јавноста жителите од селото Челопек живеат во страв.

– Стравуваме како не. Маж ми многу пати одел во Германија, син ми не е тука, сама си седам, порано свекрва ми беше жива, си спијам, нема проблем, но сега ми е страв, вели Добрица Јовановска која живее во оваа село.

 

 

Вакви случаи досега немало, велат жителите на селото кое брои околу 100 жители, претежно во поодминати години.

– Вознемирени се жителите, вакви случаи немало досега. Не е сеедно, јас сум сам, сам живеам тука. Мора да се клучиш и да внимаваш, вели Владо Јакимовски, жител на селото Челопек.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Kриумчар на мигранти приведен на автопатот Скопје – Куманово

Иницијалите на потенцијалниот сериски убиец прв пат се појавија во јавноста на 10ти февруари, кога полицијата соопшти дека го привела по пријава дека нападнал и тешко повредил 86-годишна жена од селото Челопек.

Само три дена подоцна јавноста ја шокираше информацијата дека е пронајдена почината  78-годишната М.С. Веќе утредента беа соопштени и деталите. Била убиена на спиење, а точниот датум на убиството не е утврден. Од обвинителството велат дека се случило во периодот од 27 јануари до 12 февруари, кога беше пронајдена жената. Жената била пензионерка од Австрија, која се вратила да живее во селото, додека нејзините деца останале во странство.

За убиството се сомничи 25-годишник од селото Малотино, иако информациите велат ека живеел во селото Драгоманце, во многудетно семејство, со мајка и очув, чии крави често ги пасел низ селото. Со својот велосипед се движел и низ другите села.

Мештаните на Челопек велат дека го знаеле од видиување, но не како момче кое е проблематично.

– Јас бев директор во тоа школо. Обично напред седев во комбе, се возевме персоналот и јас прв се симнував. Тој ќе дојдеше пред школото и мене како војнички ме поздравуваше, Трајко се вика. Сум го гледал тука со овци во река, тука сум роден и израснат и тука остарев веќе, опишува Јакимовски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Возеле без возачка дозвола во кумановско, приведени две лица

Кога полцијата на 14ти месецов соопшти дека го привела под сомнение за убиство, додаде дека го сомничат и за неколку кражби. Мештаните велат дека кражби низ селото имало, но дека тој крадел не можат да потврдат.

– Лично за него немам слушнато дека тој правел кражби, но вака да се слушне по викендици некој да обивал, да ограбувал, се случува, но кој е како е не знам. Пред три – четири години, снег завеа и еден човек тука дојде кај роднина и тракторот тука му остана и утре сабајле тракторот беше ограбен, тоа се случувало, но од кои луѓе не знам, додава Јовановска.

Во меѓувреме, во селата има повеќе стари лица, кои сега живеат под клуч, иако 25-годишникот е во притвор. Се надеваат дека институциите сега ќе преземат доволно мерки за да населението од овие села да почне да се враќа во нормален живот и да заборават на стравот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  15-годишник од Куманово украл паркиран автомобил и крадел од приватни имоти

– Се надеваме да биде побезбедно. Државата и институциите да направат нешто за да не се плашат жителите, инаку како ќе живееме. Секоја година сме се постари и како ќе се одбраниш кога ќе ти дојде некој таков, прашува Јовановска.

Додека психијатари го вештачат осомничениот, обвинителството ексхумираше тело на помлада жена, за која добиле сознанија дека можеби е потенцијална жртва на истото лице. Во меѓувреме го сомничат и за уште неколку, откако сфатиле дека жените биле во поодминати години, а начинот на кој биле пронајдени нивните тела во гола или полугола состојба ги поврзал.

Но, зошто претходно не била барана обдукција за сите тие жени туку биле заведени како починати од природна смрт, засега нема одговори. Од Обвинителството велат дека истрагата е опсежна и ќе треба време да се соберат сите потребни докази и детали за да се вклопи мозаикот.

Никола Ивановски