Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во интервју за британската телевизиска мрежа Би-Би-Си (BBC) изјави дека неговиот руски колега Владимир Путин веќе ја започнал третата светска војна и дека само интензивен воен и економски притисок може да го натера Путин да попушти.
И покрај рускиот воен притисок и повиците на Западот за компромис, Зеленски ги отфрла сите територијални отстапки што ги бара Москва во замена за прекин на огнот.
Русија бара Украина да се откаже од 20 проценти од источниот регион Донецк, како и од други територии во регионите Херсон и Запорожје.
„Не го гледам ова само како прашање на земјата. Го гледам како откажување – ослабување на нашата позиција, напуштање на стотици илјади наши сограѓани кои живеат таму“, рече Зеленски, додавајќи дека таквото повлекување би го поделило украинското општество.
Запрашан за можноста за компромис што би можел да го задоволи Путин, Зеленски одговори дека договорот би бил само привремен одмор.
„Тој (Путин) има потреба од одмор. Но, кога ќе се опорави, ќе сака да продолжи“, оцени претседателот на Украина, наведувајќи дека таков одмор би траел од две до пет години, пред евентуално обновување на непријателствата.
Зеленски верува дека победата не е ограничена само на повторното освојување на окупираните територии, туку вклучува и зачувување на националната независност и одбрана на загрозениот меѓународен поредок.
„Запирањето на Путин денес и спречувањето да ја окупира Украина е победа за целиот свет“, рече Зеленски, кој сепак призна дека непосредното враќање на сите окупирани територии, вклучително и границите од 1991 година, би имало огромна човечка цена.
На воениот фронт, Зеленски нагласи дека моменталниот приоритет останува воздушната одбрана, жалејќи се на недостатокот на овластување за производство на системи под американска лиценца, како што се ракетите „Патриот“.
Украинскиот претседател, исто така, инсистира на потребата од трајни безбедносни гаранции на САД, усвоени од Конгресот, пред да размисли за одржување општи избори, што го бараат некои од неговите партнери.

