Македонските граѓани сè повеќе ја потврдуваат довербата во домашниот банкарски систем, со вкупни депозити што на крајот на 2025 година достигнаа 445 милијарди денари, односно над 7 милијарди евра.
Ова го покажуваат најновите податоци на Народната банка, а трендот укажува на стабилност и сигурност во услови на економска неизвесност.
– До крајот на декември 2025 година, вкупните депозити на домаќинствата достигнаа 445 милијарди денари, што претставува годишен раст од 12%. Ако го погледнеме периодот по пандемијата, штедните средства на граѓаните се зголемени за повеќе од 50%, што јасно ја покажува довербата во банкарскиот систем и неговата отпорност“, рече Арнаудова-Стојановска.
Особено расте интересот за денарските и долгорочните депозити, кои во декември 2025 година сочинуваат 55%, односно 33,5% од вкупните депозити на домаќинствата.
Анализите за 2024 година покажуваат дека депозитите во банките сочинуваат околу 60% од финансискиот имот на домаќинствата, додека приватните пензиски фондови следат со околу 25%.
Според Арнаудова-Стојановска, ова е во согласност со трендовите во регионот и Европската Унија, каде безбедноста на банкарското штедење останува највреднуваната алтернатива.

