Шпанија минатата година регистрираше рекордни 96,8 милиони туристи, што е за 3,2 проценти повеќе од претходната година, објави денес Националниот институт за статистика на земјата.
Овој резултат, сепак, не ја достигна првичната прогноза на владата во Мадрид од 100 милиони посетители, што е последица на значителното зголемување на цените, особено на хотелскиот смештај, како и на намалениот број туристи од Франција.
Шпанија беше најпосетувана од туристи од Велика Британија, а вкупниот број достигна 19,1 милиони, што е за 3,7 проценти повеќе од претходната година, по што следуваат Франција со 12,8 милиони и намалување од еден процент на годишно ниво и Германија со 12 милиони со зголемување од 0,6 проценти.
Гледано по шпанските региони, најпосетувани беа Каталонија 20,1 милиони со годишен раст од 0,6 проценти, Балеарските Острови 15,7 милиони и раст од 2,6 проценти и Канарските Острови 15,7 милиони и три проценти, а забележително зголемување на бројот на туристи е забележано во Валенсија и Мадрид.
Поголемиот дел од престојот на туристите траел од четири до седум ноќевања, додека подолгите престојувања, повеќе од 15 ноќевања, забележале пад од 2,7 проценти.
Само во декември, во Шпанија имало 5,3 милиони меѓународни туристи, што претставува раст од 0,4 проценти во споредба со истиот месец од претходната година.
Овие податоци се прелиминарни и се очекува да бидат ревидирани во март, според веб-страницата на INE.

