Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп им соопшти на иранските власти преку неколку канали дека е отворена за преговори за постигнување договор, а средба меѓу двете делегации би можела да се одржи следната недела во Турција, објави Axios повикувајќи се на извори.
„Напредуваме. Се трудиме најдобро што можеме (за да се постигнат преговори)“, изјави неименуван висок американски функционер.
Друг американски функционер, зборувајќи под услов да остане анонимен, рече дека средба меѓу делегациите на САД и Иран би можела да се одржи следната недела во Турција.
Axios наведува дека Турција, Египет и Катар, кои учествуваа во работата за спречување на војна во целиот регион, сакаат договорот да спречи можна регионална војна.
Службениците од трите земји наводно сакаат специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и високи ирански функционери да присуствуваат на потенцијален состанок во Анкара.
Белата куќа вели дека Трамп не донел конечна одлука за напад на Иран и дека е отворен за дипломатско решение.
Американските претставници велат дека изјавите и коментарите на Трамп за Иран не треба да се толкуваат како блеф и дека американската администрација не знае дали врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, ќе им дозволи на неговите претставници да преговараат со своите американски колеги.
Порано синоќа, Трамп изрази надеж дека Вашингтон би можел да постигне договор со Техеран и дека не е изненаден од пораките на врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи.
Порано во неделата, Хамнеи, за време на говорот во Техеран по повод годишнината од враќањето на имамот Хомеини во Иран и почетокот на десетдневната прослава на Фаџр, предупреди дека евентуалната војна меѓу САД и Иран би можела да се претвори во регионален конфликт.
Во обраќањето не се прецизираше дали Хамнеи конкретно се фокусирал на некој тековен инцидент, но неговата изјава дојде во време на зголемени тензии меѓу Иран и САД, како и во контекст на регионалните безбедносни предизвици, пренесува Танјуг.

