Со измените на медиумската легислатива донесени во јули 2023 година, за првпат во државата официјално се уредува статусот и дејствувањето на инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржини и јутјуберите.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги информира дека овие лица, доколку ги исполнуваат утврдените услови, имаат законска обврска да се евидентираат како даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање.
Според Агенцијата, регулацијата се однесува на физички лица кои своите аудиовизуелни содржини ги објавуваат преку платформи за споделување видеа, како што се YouTube, Instagram, TikTok и слични сервиси, а при тоа имаат над 10.000 следбеници или претплатници и остваруваат економски интерес од својата активност.
Дополнително, обврската важи за оние кои во изминатите 12 месеци објавиле најмалку 24 аудиовизуелни содржини и кои преку својата работа информираат, образуваат или забавуваат, преземајќи уредничка одговорност за објавеното.
Критериумите и постапката за евидентирање се прецизирани во посебен правилник на Агенцијата, со кој се уредува формата и содржината на пријавата за упис во Регистарот на даватели на аудиовизуелни услуги по барање.
Од Агенцијата апелираат сите инфлуенсери, влогери и креатори на содржини кои ги исполнуваат наведените услови, во најкраток рок да поднесат пријава за евидентирање, нагласувајќи дека станува збор за законска обврска.
Сите информации и документи поврзани со оваа постапка се достапни на официјалната веб-страница на Агенцијата, во посебниот банер „Инфлуенсери/Влогери“, додека за дополнителни појаснувања заинтересираните можат да се обратат и преку електронската адреса [email protected].
Никола Ивановски

