Бугарскиот претседател Румен Радев денес изјави дека во таа земја ќе се одржат вонредни парламентарни избори откако водечките партии го одбија мандатот за формирање влада.
Денес, Радев ѝ понуди на Алијансата за права и слободи последна шанса да се обиде да формира влада, но и таа партија го отфрли барањето, трета што го прави тоа оваа недела, пренесува Ројтерс.
„Одиме на избори“, рече Радев.
Бугарската телеграфска агенција (БТА) денес објави дека Алијансата за права и слободи го вратила неисполнетиот трет мандат на Радев, веднаш откако претседателот ѝ го предал.
„Нашата парламентарна група ме овласти да го вратам третиот мандат – неисполнет, за да можеме заеднички да спроведеме фер, транспарентни, слободни, демократски избори“, изјави претседателот на парламентарната група на Алијансата за права и слободи, Хајри Садаков.
Пред два дена, реформистичката парламентарна група ПП-ДБ го отфрли барањето на бугарскиот претседател Румен Радев да се обиде да формира нова влада.
Најголемата централно-десничарска парламентарна група во Бугарија, ГЕРБ-СДС, претходно, на 12 јануари, го отфрли барањето на претседателот да го преземе мандатот за формирање влада.
Коалициската влада на премиерот Росен Жељасков, поддржана од ГЕРБ-СДС, поднесе оставка минатиот месец по протестите против корупцијата и новиот буџет, пренесува Танјуг.
Објавените избори ќе бидат осми во Бугарија во последните четири години.
Коалицијата ГЕРБ-СДС ги доби последните избори во октомври 2024 година, но ја презеде власта дури во јануари 2025 година по месеци преговори и со поддршка на други партии во поделениот парламент.
Бугарија се приклучи на Еврозоната на 1 јануари, но ѝ е потребна политичка стабилност за да го забрза користењето на средствата од ЕУ и да привлече странски инвестиции, истакнува Ројтерс.

