Општина Куманово ќе субвенционира кирија за социјално ранливи категории граѓани

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово и во 2026 година ќе обезбеди финансиска поддршка за покривање на трошоците за кирија за социјално загрозени граѓани кои живеат под кирија, согласно Одлуката за обезбедување помош за домување.

Право на субвенционирање ќе имаат лица со статус на корисници на гарантирана минимална помош, корисници на социјална сигурност за стари лица, како и жртви на семејно насилство, доколку живеат на територија на Општина Куманово.

Од општината информираат дека заинтересираните граѓани треба да поднесат барање со соодветна документација, меѓу кои лична карта, доказ за статус од Центар за социјална работа Куманово, договор за наем на стан или куќа, активна трансакциска сметка и контакт телефон.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Општина Куманово со нов, пофлексибилен возен ред за најоптоварените автобуски линии

За жртвите на семејно насилство потребно е и официјално потврдување на статусот од надлежните институции.

Барањата може да се подигнат на портирницата во зградата на поранешниот АД „Козјак“, спроти градскиот стадион, во Одделението за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита, како и онлајн преку сајтот на општината.

Поднесувањето на барањата со целокупната документација ќе се врши во Архивата на Општина Куманово во периодот од 12 јануари до 12 февруари 2026 година.

Во случај на малолетни лица, барањето го пополнува родителот или старателот.

Дополнителни информации граѓаните можат да добијат на телефонскиот број 075/323-569, секој работен ден од 8 до 14 часот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Приведен кумановец кој возел со 2,55 промили алкохол

Мерката има за цел да им помогне на најранливите категории граѓани полесно да ги подмират трошоците за домување и да обезбеди поголема социјална сигурност во локалната заедница.

Никола Ивановски