Над 200 каратисти беа дел од натпреварот „RONIN OPEN 2025“ во Куманово (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Во Куманово викендов се одржа Пријателскиот карате натпревар „RONIN OPEN 2025“, во организација на Карате клубот „Ронин Доџо“ од Куманово.

Настанот собра околу 200 натпреварувачи од сите возрасни категории, кои пристигнаа од десетина карате клубови од Македонија и Србија.

 

 

Натпреварувачите се надмудруваа во дисциплините ката поединечно, ката тим и кумите, односно борби, а салата беше исполнета со спортски дух, фер-плеј и поддршка од тренери, родители и љубители на карате спортот.

Натпреварот беше организиран во чест на два значајни јубилеи – 50 години карате во Куманово (1975–2025) и 20 години од основањето на Карате клубот „Ронин Доџо“. По тој повод беа доделени плакети и признанија на бројни заслужни карате мајстори и тренери кои во изминатите пет децении оствариле врвни резултати и дале значаен придонес за развојот на карате спортот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Над 50.000 лица влегле во Македонија преку ГП Табановце викендов

 

 

Пред присутните гости, натпреварувачи, тренери, родители и гледачи се обрати претседателот на клубот, проф. Оливер Милорадовски, кој истакна дека организацијата на ваков настан била негова долгогодишна желба.

„Ми беше сон да направам натпревар вреден за почит, каде што најпрво ќе ги израдуваме најмладите и со скромно признание ќе ги испочитуваме сите мои учители и ментори кои ме изградија најпрво како човек, а потоа и како натпреварувач, медалист, тренер и репрезентативец. Сакам младите во нив да препознаат пример како да станат успешни спортисти и совесни граѓани“, истакна Милорадовски.

 

 

Тој додаде дека по подолг период карате спортот повторно е вратен во Куманово, со што на младите им е овозможено активно да се занимаваат со спорт и да градат здрави навики, изразувајќи надеж дека „RONIN OPEN“ ќе прерасне во убава и масовна традиција.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Дел од горивата од полноќ со нови цени

„Искрено се надевам дека следната година ќе организираме уште поубав и помасовен натпревар. Изразувам голема благодарност до сите кои го поддржаа настанот и помогнаа сè да биде на потребното ниво“, порача претседателот на клубот.

 

 

Со успешната реализација на „RONIN OPEN 2025“, Куманово уште еднаш ја потврди својата важна улога на карате мапата и ја истакна посветеноста кон развојот на спортот и младите генерации.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Никола Ивановски