Сашо Бошковски е најдобриот пожарникар, Милорад Трајковски е најдобар полицаец, а Арменд Афузи најдобар инспектор во општина Куманово за 2025 година.
Наградите за најдобри полицаец и пожарникар за 2025 година, традиционално ги додели градоначалникот Максим Димитриевски во име на Општина Куманово, кој им се заблагодари за нивното професионално извршување на работните задачи, за нивната посветеност и грижа за граѓаните, посакувајќи им успеси во иднина.

Бошковски шест години работи како пожарникар спасител, а денеска ја доби наградата за најдобар од Територијалната противпожарна единица Куманово.
– Чест и огромно задоволство е да се биде еден од најдобрите. Успехот не само мој, успехот е тимски и на моето одделение и на целата противпожарна единица. Младите да дојдат, моментално има волонтерско друштво, нека пристапат нека појдат со нас да видат како е, ова е ризична работа, која не е за секого, секој не може да се пронајде, така да еве апелирам сите храбри млади момчиња нека повелат да дојдат да видат како се работи, вели Бошковски.
Милорад Трајковски од Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај е прогласен за најдобар полициски службеник во тековната година, тој е дел од увидната екипа за сообраќајни незгоди и има десетгодишн работно исксутво.
– Сакам да се заблагодарам на градоначалникот и на Советот на Општина Куманово за ова денешно признание кое сигурно ќе значи мотив во иднина во континуитет да ги извршувам работните задачи како и до сега, а секако и да се надоградувам во професијата. Сакам да се заблагодарам и на раководниот кадар во СВР Куманово кој ја препозна мојата напорна работа, што ми дава мотив да продолжам да работам и да се усовршувам, изјави Трајковски.

По неколку години пауза, за прв пат годинава, награден е и најдобар инспектор од Секторот за внатрешни работи Куманово. Тоа е Арменд Афузи, кој работи во Одделението за криминалистичка полиција, кој работи од 2004 година во отсекот за општ криминалитет.
– Ова ми е втора награда, мотивација да продолжиме да работиме на ист начин понатаму. Ние се трудиме градот да биде посмирен, да нема проблеми и кривични дела, се трудиме да ги расчистиме да биде побезбеден градот. Оваа година е многу мирна, добро сме екипирани да одговориме на задачите. Куманово е голем град, има работа во Скопје и Куманово, големи градови се, но се трудиме максимално да биде подобро, вели Афузи.

Денеска наградените, со своите претпоставени испија кафе со градоначалникот Димитриевски, а на средбата присуствуваа и заменикот министер за внатрешни работи Астрит Исени, државниот секретар во МВР Сашо Петрушевски, како и началникот на СВР Куманово Никица Петрушевски, како и заменик командирот на ТППЕ Борис Станковски.
Никола Ивановски

