Саудиска Арабија го урна рекордот по број на смртни казни – оваа година имаше 340

Сподели со своите пријатели

Саудиска Арабија изврши 340 смртни казни оваа година, поставувајќи нов годишен рекорд по број на егзекуции, објави порталот „Middle East Eye“.

Новиот број дојде откако саудиските власти објавија дека уште три лица се егзекутирани во понеделник.

Министерството за внатрешни работи на земјата соопшти дека егзекуциите се извршени во Мека откако осудените беа прогласени за виновни за убиство.

Бројот на егзекуции оваа година го надминува претходниот рекорд од 2024 година, кога, според достапните податоци, беа егзекутирани 338 лица.

Организациите за човекови права „Alqst“, „Amnesty International“ и „Reprieve“ наведуваат уште поголема бројка за 2024 година – 345 егзекуции.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Доналд Трамп официјално ја тужи Би-Би-Си: Бара пет милијарди долари отштета

Претставникот на британската организација „Alqst“ Наџен Абдулазиз изјави дека подготвеноста на саудиските власти да го надминат минатогодишниот рекорд „укажува на темно непочитување на правото на живот“, и покрај повиците од експертите на Обединетите нации и граѓанското општество.

Таа тврдеше дека егзекуциите биле извршени по, како што тврдеше, длабоко неправедни судења, вклучувајќи признанија извлечени преку тортура и случаи каде осудените биле малолетници во времето на наводните злосторства.

Повеќето од егзекуциите оваа година – вкупно 232 – се поврзани со случаи поврзани со дрога.

Некои од смртните казни беа изречени и за дела квалификувани како тероризам.

Саудиска Арабија ги продолжи егзекуциите во случаи поврзани со дрога на крајот на 2022 година, по приближно тригодишна суспензија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Какви се платите низ земјите од ЕУ? Еве каде се заработува најмногу!

Значителен број од егзекутираните оттогаш вклучуваат странски државјани.

Во последните месеци, властите егзекутираа и две лица кои, според организациите за човекови права, биле малолетници во времето на злосторствата, што е забрането со меѓународното право, вклучително и Конвенцијата на ООН за правата на детето, на која Саудиска Арабија е потписничка.

Саудиските власти објавија во 2020 година дека ќе го укинат дискреционото право на судиите да изрекуваат смртна казна на малолетни сторители, повикувајќи се на кралска наредба за тоа.

Сепак, според податоците од организациите за човекови права, по тоа се евидентирани неколку случаи на егзекуции на лица осудени за кривични дела извршени кога биле под 18 години.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Напад со нож во училиште во Москва: Едно дете убиено, чуварот ранет

Организацијата „Алкст“ изјави дека идентификувала уште пет лица кои биле малолетни во времето на злосторствата и кои се во непосредна опасност од егзекуција.

Според Амнести Интернешнл, Саудиска Арабија имала трет најголем број егзекуции во светот во 2022, 2023 и 2024 година, зад Кина и Иран.