Гасната мрежа во индустриската зона во населбата Доброшане официјално е пуштена во употреба, потврди директорот на ЈП „Куманово гас“, Марко Митровски.
Со ова, како што посочува тој, се заокружени сите градежни и технички процедури потребни за старт на системот.
– Мрежата е пуштена во употреба, направени се сите потребни испитувања, добиени се сите дозволи, се уште таа мрежа е на сопственост на Општина Куманово која ќе треба на некоја од следните седници да ја предаде во владение на ЈП „Куманово гас“ бидејќи таа мрежа е инвестирана од Општина Куманово со поддршка од Владата преку кредитите“, изјави Митровски.
Според него, интересот кај компаниите во индустриската зона постои, но дел од нив сè уште прават проценки за финансиската исплатливост на приклучувањето.
„Отприлика има над 50 фирми таму, со дел од нив имаме разговарано, тие се во фаза на размислување, ги прават своите калкулации дали е финансиски исплатливо да се вложува во овој момент ако знаеме дека цената на гасот е доста повисока од пред неколку години кога цената беше околу 20 до 30 денари“, рече тој.
Митровски потсетува дека цената на природниот гас значително пораснала од 2022 година, што може да ги отврати дел од компаниите да се одлучат своите капацитети да ги приклучат на гас.
– Веќе скоро четири години од 2022 година има зголемување на цената од онаа што ние сме навикнати да ја користиме до 2022 година кога беше некои 25 до 30 денари, сега моментално цената е 60 до 65 денари, што е над 100% поголема цена. Веќе четири години сме во исчекување дека ќе паднат цените на светските берзи па така и кај нас, но се уште се држиме до таа цена која е донекаде прифатлива за институциите кои се загреваа претходно на нафта, а сега на гас, појасни директорот.
Тој посочи дека најголем потрошувач во моментов останува Општа болница Куманово, но нема големи приватни индустриски капацитети на мрежата.
– Моментално најголем корисник е Општата болница Куманово која моментално троши една третина од количините кои ги испорачуваме во зимските месеци, други приватни фирми ние немаме големи потрошувачи, тоа се помали како ординации, лаборатории, поголеми капацитети немаме приклучени моментално, додаде Митровски.
Инаку ширењето на гасификационата мрежа кон Индустриската зона во Доброшане беше проект финансиран преку владиниот повик за инфраструктурни проекти и чинеше околу 177.000 евра.
Никола Ивановски

