Во индустриската зона Новини и Речица во Куманово денеска стартува асфалтирање на улиците, соопшти градоначалникот Максим Димитриевски.

Оваа активност е дел од поширок инфраструктурен проект реализиран со финансиска поддршка од Потпрограмата АА на Владата, односно проекти од унгарскиот заем.

Покрај асфалтирањето, во план се и веќе започнатите работи на изградба на атмосферска и фекална канализација, поставување на водоводна мрежа и осветлување на внатрешните сообраќајници.

Индустриската зона „Новини – Речица“ е најголемата индустриска развојна зона на општина Куманово — на површина од околу 65 хектари, наменета за лесна и незагадувачка индустрија, трговски единици, складишта и слично.
Оваа инфраструктурна поддршка е од клучно значење, особено во контекст на инвестицијата на компанијата Лидл за изградба на логистички – дистрибутивен центар, чија реализација е веќе при крај.

Со обезбедување на соодветна сообраќајна, комунална и енергетска инфраструктура, зоната добива реална шанса да привлече уште инвеститори, што може да значи нови работни места и развој за Куманово — фактори кои, според градоначалникот, ќе придонесат за „напредок и просперитет на нашите граѓани.“
Како што додава Димитриевски, претходно е завршена изградбата на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа на дел од улицата „Видое Смилевски Бато“ до селото Добрашане, а атмосферската канализација на улица „Бајрам Шабани“ е во финална фаза — проекти исто така финансирани преку истата програма.
Никола Ивановски

