Центарот за рехабилитација и реинтеграција „Порака Наша“ – Куманово ја претстави својата новогодишна хуманитарна понуда за сезоната 2025/2026, во рамки на која корисниците со интелектуална попреченост изработуваат празнични производи со цел поддршка на нивната независност, работни вештини и инклузија во заедницата.
Понудата, која традиционално се реализира во пресрет на новогодишните и божиќните празници, опфаќа сублимирани производи изработени со многу труд, љубов и посветеност.
Секој купен производ претставува директен придонес кон хуманитарната мисија на Центарот – да се создадат можности, достоинство и радост за лицата со интелектуална попреченост.
Во рамки на понудата граѓаните и компаниите можат да купат персонализирани чаши, шишиња за вода, магнети и приврзоци, кои можат да се изработат по желба – со лого, порака или празничен мотив.

Средствата собрани преку продажбата се наменети за унапредување на програмите за рехабилитација и реинтеграција, како и за поддршка на секојдневните активности на корисниците.
Цените на производите се симболични:
– Бели чаши – 200 денари
– Чаши со рачка и внатрешност во боја – 300 денари
– Шишиња за вода – 400 денари
– Магнети и приврзоци – 120 денари
За поголеми хуманитарни и корпоративни нарачки се одобруваат попусти од 10 до 20 проценти, во зависност од количината.
Од „Порака Наша“ упатуваат повик до сите граѓани, институции и компании да ја поддржат оваа хуманитарна иницијатива, истакнувајќи дека секој купен производ има двојна вредност – претставува празничен подарок, но и придонес за подобар, подостоинствен и поддржан живот на лицата со интелектуална попреченост.
Нарачките може да се направат преку е-мејл адресата [email protected], како и преку официјалните страници на Центарот на Фејсбук и Инстаграм.
Никола Ивановски

