Дневната амбуланта во Детското одделение во Општа болница Куманово е целосно реконструирано, а набавени се и нови медицински апарати.
Како што изјави директорот на болницата Сашо Стошевски, со донација од Ротари клуб Куманово е реновиран просторот на дневната болница, а набавена е и нова опрема, апсиратори, топломери и апарати потребни за педијатријата.
– Ова донација има огромно значење за болницата затоа што го одделивме стационарот на Детското одделение со дневната болница, тоа е од особено значење за организација на работата и нашите најмлади. Соработката со Ротари клуб Куманово е започната со претходните директори, се надевам дека ќе продолжиме, изјави Стошевски.
Детското одделение, додава директорот, има прекрасен тим предводен од началникот д-р Маргица Арсовска, кој секогаш им стои на располагање на најмалите пациенти.
Стошевски изрази надеж дека во 2026 година тимот на Детското одделение ќе се надополни со среден медицински и помошно-технички персонал за целосно комплетирање.

Началникот на одделението, др. Арсовска вели дека акцијата на Ротари клуб Куманово се состоела во два дела.
– Првиот дел се состоеше од набавка на медицинска опрема и тоа аспиратори, од кои некои веќе педесетина години не биле сменети, нов ЕКГ, дигитален апарат, аспиратори, инхалатори, топломери, ваги, се за подобрување на квалитетот на дечињата кои престојуваат и се лекуваат на детското одделение. Вториот дел беше за реновирање на проширениот амбулантен дел на детското одделение, поранешни киретажи, со што добивме две нови амбуланти, опремени комплетно со нов инвентар и нова потребна опрема за нормално вршење на прегледите, како и со нова дневна болница, изјави Арсовска.

Фросина Ефремовска од Ротари клуб Куманово, вели дека станува збор за проект со кој се прават трајни промени во општеството.
– И понатаму ќе работиме на вакви слични проекти и ќе се стремиме локалната заедница да го препознае тоа и да се вклучат сите хумани луѓе и да се направат трајни промени, додаде Ефремовска.

Марјан Коцевски од Ротари клубот вели дека клубот ја препознал потребата за ваква акција за донација која ќе обезбеди подобро лекување на новите генерации.
– Знаеме дека болницата е направена од некој хуман човек кој во тој период Никола Спасиќ кој дошол во Куманово и иако не е од тука направил болница. Така да сите ние треба да се вклучиме во донирање. Во рамките на проектот дониравме и многу добар апарат за оториноларингологија кој сега се користи и сметам дека и тука вложивме доста за подобрување на квалитетот на услугите на болницата, додаде тој.
Никола Ивановски

