Денес, Албанија го отвори последниот, шести кластер во преговорите со Европската Унија, објави Европскиот совет.
Тој кластер се состои од поглавја 11 (земјоделство и рурален развој), 12 (безбедност на храната, ветеринарна и фитосанитарна политика), 13 (рибарство и аквакултура), 22 (регионална политика и координација на структурни инструменти) и 33 (финансиски и буџетски одредби), објави Брисел.
Албанија, која доби статус на кандидат за членство во 2014 година, го отвори првиот кластер во преговорите со ЕУ во октомври минатата година, што значи дека ги отвори сите кластери за околу една година.
„Проширувањето е геополитичка неопходност за ЕУ. И клучен приоритет за данското претседателство. Пристапувањето на нашите партнери од Западен Балкан по завршувањето на потребните реформи е многу важно. Денешниот чекор на отворање на последниот преговарачки кластер со Албанија ја покажува посветеноста на земјата за понатамошно подобрување на својот пат кон членство во ЕУ“, изјави министерката за европски прашања на Данска, Мари Бјере, пишува N1.
Албанскиот премиер Еди Рама го опиша отворањето на последниот кластер во преговорите како „рекордно достигнување“ и дека ништо нема да го запре патот на Албанија кон членство во ЕУ во 2030 година и дека целта на владата е процесот на преговори да се заврши до 2027 година.

