Фото-кино клубот „Козјак“ од Куманово, во соработка со „Котур Филм и Кафе“, овој четврток (16 октомври 2025) со почеток во 20 часот, ќе одржи специјална ревија на кратки филмови во времетраење од два часа.
Ова ќе биде прво есенско издание на ФИЛМАЈ фестивалот на краток филм во Скопје, кој досега традиционално се одржуваше во Куманово. Настанот ќе се случи во просториите на „Котур“, место препознатливо по својата посветеност на филмската уметност и културните настани.
Публиката ќе има можност да погледне осум внимателно одбрани филмови од изданијата на фестивалот во 2022 и 2024 година. Меѓу нив се руските „Бабушки“ и „Девет сантиметри“, шпанските „Синкопат“ и „Вон сезона“, францускиот „Фортисимо“, американскиот „Сигнализација“, венецуелскиот „Импровизирана земја“ и австралискиот „Мајсторот“.
Влезот за проекцијата е бесплатен и отворен за сите љубители на филмската уметност.
Никола Ивановски