Малезискиот министер за надворешни работи Мохамад Хасан изјави во вторникот дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја посети Малезија на 26 октомври и дека „се радува“ на постигнување договор за прекин на огнот меѓу Тајланд и Камбоџа.
Малезија и САД ќе го олеснат прекинот на огнот меѓу Тајланд и Камбоџа, што ќе бара од двете страни да ги отстранат сите мини и тешка артилерија од своите граници, рече Мохамад.
Тој рече дека се надева оти договорот ќе биде потпишан за време на претстојниот состанок на лидерите на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија, кој ќе се одржи во главниот град на Малезија, Куала Лумпур, од 26 до 28 октомври.
– За време на самитот, се надеваме дека ќе видиме потпишување на декларација позната како Договор од Куала Лумпур меѓу овие два соседа за да се обезбеди мир и трајно примирје – изјави Мохамад за медиумите.
Тензиите меѓу Тајланд и Камбоџа околу необележаните точки долж нивната копнена граница од 817 километри ескалираа во смртоносен петдневен конфликт во јули.
Во најжестоките борби меѓу двете земји во повеќе од десет години, најмалку 48 лица се убиени, а стотици илјади се привремено раселени од двете страни.