Стармер: Овој договор ќе одекне низ целиот свет

Сподели со своите пријатели

Британскиот премиер Кир Стармер го поздрави потпишувањето на првата фаза од мировниот план меѓу Израел и Хамас, опишувајќи го како момент на длабоко олеснување што ќе се почувствува низ целиот свет.

Стармер, кој моментално е на патување во Мумбаи, реагираше на веста за договорот постигнат со посредство на Доналд Трамп.

Во својата изјава, тој ја нагласи важноста на овој чекор, особено за заложниците, нивните семејства и цивилното население во Газа, кои сите страдаа незамисливо во последните две години.

Британскиот премиер им се заблагодари на дипломатските напори на вклучените земји.

„Благодарен сум за неуморните дипломатски напори на Египет, Катар, Турција и САД, поддржани од нашите регионални партнери, во обезбедувањето на овој клучен прв чекор“, рече тој.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Што знаеме за историскиот договор? Планот на Трамп има 20 точки, но постојат бројни ризици!

Стармер повика договорот да се спроведе без одложување.

„Овој договор сега мора целосно да се спроведе, без одложување, и придружен со итно укинување на сите ограничувања за хуманитарна помош за спасување животи во Газа“, рече тој, според Хина.

Тој, исто така, апелираше до сите страни.

„Ги повикуваме сите страни да ги исполнат своите обврски, да ја прекинат војната и да изградат темели за праведен и траен крај на конфликтот и одржлив пат кон долгорочен мир“, рече тој, додавајќи дека Обединетото Кралство ќе ги поддржи следните чекори од преговорите за да се обезбеди целосно спроведување на мировниот план.