Зекирија Шахини кој денеска беше ранет во престрелка пред зградата на Општина Куманово е надвор од животна опасност.
Како што информираше директорот на Општа болница Куманово, Сашо Стошевски, лицето има прострелни рани и е пренесено во Скопје.
– Кај нас е донесено лицето со иницијали З.Ш. со четири прострелни рани во пределот на левата подлактица и десно колено. Направени се сите иследувања кај нас согласно сите протоколи за лекување. Лицето е вон животна опасност и е пренесено веднаш на Клиника за трауматологија во Скопје, изјави Стошевски.
Како што информираа од Секторот за внатрешни работи, две лица во движење од огнено оружје пукале во возилото во кое се превезувал Шахини.
– Денеска (07.10.2025) во 13.54 часот во СВР Куманово е пријавено дека на крстосница од ул.„Димитрије Туцовиќ“ со ул.„11 Октомври“ во Куманово, две лица лица во движење од огнено оружје пукале во патничко возило „фолксваген голф “, управувано од З.Ш.(43) од село Слупчане, општина Липково, кој се здобил со повреди и е пренесен во болницата во Куманово за укажување помош, информираат од полицијата.
Сахини инаку е носител на листата кандидати за советници од ДУИ во Општина Липково.
Партијата за вечерва има закажано митинг во Куманово.
Никола Ивановски