Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, денеска потпиша Меморандум за соработка со претседателката на Хуманитарното здружение „Мајка“, Лидија Илијевска. На потпишувањето присуствуваше и претседателката на Советот на Општината, Ивана Ѓорѓиевска.
Меморандумот има за цел воспоставување на тековна соработка меѓу локалната самоуправа и здружението за поддршка на женското претприемништво и економското вклучување на жените, во рамките на проектот „Економско вклучување и правда за жените од Западен Балкан – EWI“.
Проектот е поддржан од „CARE International Balkans“, во партнерство со Консалтинг за стратешки развој како национален партнер за Северна Македонија, со финансиска поддршка од Австриската развојна агенција.
Соработката ќе биде насочена кон поддршка на жените претприемачки при развој и унапредување на нивните бизниси, зголемување на нивната вработеност преку развој на вештини, сертифицирано стручно образование и обуки.
Дополнително, ќе се работи на вклучување на жените во претприемнички активности, нивно вмрежување со локалната економија, како и промоција на родово сензитивни политики во претприемништвото и на пазарот на труд.
Преку овој документ, двете страни се обврзаа заеднички да идентификуваат области во кои можат да придонесат за јакнење на женското претприемништво и развој на секторот за мали и средни претпријатија на локално ниво.
Никола Ивановски