Обилните дождови и ветровите што корнеа дрвја, донесени на Филипините од супертајфунот Рагаса, предизвикаа поплави и смртоносни лизгања на земјиштето, во кои загинаа шест лица, објави денес Синхуа.
Филипинската крајбрежна стража објави дека четири тела се извлечени од рибарски брод што се превртел покрај брегот на покраината Кагајан, каде што шестмина преживеани беа спасени, додека потрагата по уште тројца кои се водат како исчезнати сè уште е во тек.
Филипинската полициска служба објави дека вчера е пронајден мртов маж (67) покрај брегот на градот Агу во покраината Ла Унион, кој претходно беше пријавен за исчезнат откако паднал во реката за време на бура во понеделник, објавува Танјуг.
Во морепловната покраина Бенгет, маж (74) загина откако лизгање на земјиштето го влечело неговото возило по автопатот во градот Туба, а во таа прилика неколку патници од други автомобили биле повредени.
Тајфунот Рагаса, наречен „крал на бурите“ од метеоролозите, стигна до Филипините со силни ветрови и дождови, предизвикувајќи поплави во многу делови од северен Лузон, каде што многу патишта станаа непроодни поради поплави и остатоци.
Националниот совет за намалување и управување со ризици од катастрофи доцна синоќа соопшти дека Рагаса и југозападниот монсун погодиле околу 192.000 луѓе, во 950 села низ целата земја.
Тајфунот Рагаса ја напушти зоната околу Филипините вчера, но властите во таа земја внимателно го следат новото временско нарушување – тропската бура Буалои, за која се очекува да достигне категорија на силна тропска бура до утре вечер.