Вооружени бунтовници заробија најмалку 34 војници во џунглите на југоисточна Колумбија по судирот во кој загинаа 11 герилци, вклучувајќи го и командантот на дисидентска фракција на герилската група ФАРК, изјави вчера колумбискиот министер за одбрана Педро Санчез.
Како што пишува Ројтерс, судирите се случиле во руралниот дел на општината Ел Реторно во југоисточната покраина Гвавијаре и во нив учествувале членови на Централниот генералштаб (ЕГШ), група поранешни борци на ФАРК кои го отфрлија мировниот договор од 2016 година со владата.
Заробени додека ја евакуирале областа
Санчез рече дека војниците биле заробени додека ја евакуирале областа по воената операција во која загинал командант на ЕГШ и уште 10 бунтовници.
„Ова е нелегална, криминална акција од страна на луѓе во цивилна облека“, им рече Санчез на новинарите. „Ова е киднапирање“.
Регионот на џунглата се смета за стратешки коридор за шверц со дрога и е познат по големите плантажи со кока, главната состојка во производството на кокаин.
Ова киднапирање следи по сличен инцидент во јуни, кога 57 војници беа држени во заробеништво два дена во планинскиот југозападен регион, уште едно упориште на дисидентската фракција на ФАРК.
Вооружени групи финансирани од трговија со дрога, нелегално рударство и други злосторства се уште присутни во Колумбија по шест децении конфликт во кој загинаа повеќе од 450.000 луѓе, и покрај мировниот договор со тогаш најголемата бунтовничка група, ФАРК.