Војници беа испратени во Калифорнија за да го заштитат федералниот имот и службениците, иако проценките на разузнавањето покажаа дека тие не се во опасност, изјави генерал на американската армија во своето сведочење синоќа, за време на постапката што ја покрена Калифорнија против американскиот претседател Доналд Трамп.
Рациите против имигрантите во јуни оваа година предизвикаа насилни протести во Лос Анџелес и други градови во Калифорнија, по што американскиот претседател нареди распоредување на 700 маринци и 4.000 припадници на Националната гарда, иако демократскиот гувернер Гавин Њусом не го побара тоа.
Судењето започна неколку часа по најавата на Трамп за испраќање на Гардата во Вашингтон
Администрацијата на претседателот тврди дека војниците не биле испратени за спроведување на цивилните закони, како што се тврди во тужбата, туку исклучиво за заштита на федералниот имот и агентите на ICE.
Судењето започна само неколку часа откако Доналд Трамп објави покренување на вонредни мерки, односно испраќање на Националната гарда на улиците на главниот град Вашингтон за искоренување на криминалот, а слични мерки најави и за други градови.
Генералот на американската армија, Скот Шерман, кој до неодамна командуваше со воените операции во Лос Анџелес, сведочеше пред судот.
Сведок на администрацијата на Трамп опиша хаотична ситуација со демонстранти кои фрлаа молотови коктели и оштетуваа владини згради, оправдувајќи ја употребата на војската за заштита на федералниот имот.
Повеќето од војниците се повлечени од Лос Анџелес, но државниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта, рече дека околу 300 припадници на Националната гарда сè уште спроведуваат рации и го ограничуваат движењето на цивилите во таа федерална држава.
Според поднесокот на гувернерот Њусом, администрацијата на претседателот минатата недела го продолжи распоредувањето на војската во областа на Лос Анџелес до 6 ноември.
„Опасен и невиден потег“
„Федералната влада ја распореди војската на улиците на Лос Анџелес само за политичка претстава и јавно заплашување. Овој опасен потег нема преседан во американската историја“, рече Бонта.
Калифорнија и нејзиниот гувернер тврдат дека Националната гарда им се придружила на агентите на Службата за имиграција во рациите и апсењата на имигранти, што според нив е кршење на законот од 1878 година што забранува вклучување на војската во спроведувањето на цивилното право.
Трамп има директна контрола врз Гардата во Вашингтон
Во поднесената тужба, тие бараат пресуда со која Националната гарда ќе се врати под федерална контрола и ќе ги прогласи постапките на Трамп за нелегални.
Додека во Калифорнија и другите федерални држави гувернерите одлучуваат дали да ја активираат Националната гарда, во главниот град Вашингтон претседателот има директна контрола врз неа.
Таму, Трамп одлучи да испрати војници на улиците како дел од борбата против криминалот, иако според статистиката, стапката на криминал минатата година беше најниска во последните три децении.