По два дена борба со огнената стихија пожарот кој беснееше во атарот на кумановското село Бељаковце е изгаснат, но ноќва пожар остави пустош низ кратовско Димонце.
Како што информираат утринава од Регионалниот центар за управување со кризи, пожарот во Бељаковце бил изгаснат вечравечер околу 22 часот. Во гаснењето учествувале четири противпожарни екипи и девет пожарникари, екипа од Дирекцијата за заштита и спасување, вработени во Шумско стопанство, како и локалното население.
Во текот на вечерните часови голем пожар избувна во кратовското село Димонце. Како што информираат од РЦУК, четворица пожарникари од Куманово биле на испомош во период од 21:40 до 03:00 часот. Во гаснењето на пожарот во Димонце учествувале и петмина пожарникари од ТППЕ Старо Нагоричане со две противпожарни возила.
Информацијата која кружи по социјалните мрежи дека целото село е изгорено, при што се спасени само четири куќи, утринава ја негираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
– Не е точна оваа вест. Зафатени се неколку стари и напуштени куќи, евентуално и една стара куќа која сопственикот понекогаш ја користел како викендица, вели Ангелов.
Изгаснат е и големиот пожар кој беснееше во селата Ругинце, Облавце и Сув Охрах. Како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи, во гаснењето учествувале деветмина пожарникари со три противпожарни возила, пожарникарите од ТППЕ Старо Нагоричане и вработени во Шумско стопанство Куманово.
Пожар вчера имало и во селото Отља во Липково. Таму горела сува трева при што интервенирале двајца пожарникари со едно противпожарно возило.
Во селото Тромеѓа горело стрниште. Интервенирале тројца пожарникари во период од 22:15 до 23 часот.
Ноќва пак горел смет на булеварот „Октомвриска револуција“. Двајца пожарникари интервенирале од 00:30 до 01:00 часот.
Според информациите на Центарот за управување со кризи, активен утринава во Североисточениот регион останува пожарот во кривопаланечко Нерав, каде гори висока борова шума.
Никола Ивановски