На синоќешната седница на Централниот одбор на Движењето ЗНАМ за наша Македонија, за шеф на Централниот изборен штаб беше избран генералниот секретар на партијата, Горан Минчев.
Со оваа одлука, Движењето ЗНАМ започнува со интензивни подготовки за претстојните локални избори, а Централниот изборен штаб ќе има клучна улога во организацијата и координацијата на теренските и кампањски активности.
Во рамки на истата седница, беа именувани и шефовите на Регионалните штабови во сите шест изборни единици. Од партијата информираат дека до крајот на месец јули ќе бидат назначени и шефовите на сите општински штабови, по што, од почетокот на август, целокупната структура на Движењето ЗНАМ ќе функционира во штабски систем на работа.
Членовите на Централниот одбор разговараа и за тековните активности како увертира за стартот на изборната кампања, како и за процесот на финализирање на кандидатските листи за советници во општините каде што партијата има свои организации.
Движењето ЗНАМ најави продолжување на теренските активности во рамки на третата фаза од подготовките, преку средби со членови и симпатизери ширум градовите и селата во земјата, нагласувајќи дека следува партиско работно лето.